Се јави со соопштение претседателот на Манчестер Сити

by riste
1 минути читање

Претседателот на Манчестер Сити, Калдун Ал Мубарак, се огласи со порака до навивачите по последните медиумски информации поврзани со судскиот процес на клубот во Премиер лигата.

Ал Мубарак истакна дека процесот сè уште не е завршен и порача дека во клубот и понатаму имаат силна верба во својата позиција и во докажувањето на невиноста.

„Процесот на Премиер лигата сè уште има долг пат да помине, а нашата увереност и намера да ја докажеме невиноста на клубот е исто толку силна како и кога сето ова започна“, порача претседателот на Сити.

Тој додаде дека по последните извештаи многу навивачи биле принудени да одговараат на прашања од пријатели, семејството и колегите, но дека поради доверливоста на правниот процес клубот во моментов не може да ги открие сите детали.

„Има многу работи што би сакал да можам да ги споделам со вас за да разберете зошто сме толку уверени во нашата позиција. Но, строгата доверливост на правниот процес и нашата решеност да ја почитуваме значи дека во овој момент не можам да го направам тоа“, наведе Ал Мубарак.

Тој истакна и дека, и покрај бројните шпекулации и заклучоци во јавноста, според него „ништо не е променето“, додавајќи дека Сити и претходно се соочувал со предизвици и успевал да ги надмине.

На крајот, Ал Мубарак ги повика навивачите да гледаат кон иднината, посочувајќи ги натпреварите со Ливерпул и Пари Сен Жермен како следни големи предизвици за клубот.

„Ќе отпатуваме на „Енфилд“ за две недели, а потоа ќе го пречекаме Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите на „Етихад“. Тоа се моменти кои повторно ни даваат можност да ја прославиме силата на семејството на Манчестер Сити“, порача претседателот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×