Руни не мисли како Фердинанд и Де Геа: Не го сакам медалот од 2012 година

by Стефан
2 минути читање

Рио Фердинанд и Давид Де Геа би ја прифатиле титулата за сезоната 2011/12, доколку таа му биде одземена на Манчестер Сити и доделена на Манчестер Јунајтед. додека Вејн Руни, пак, вели дека не би се чувствувал пријатно со тоа и дека Јунајтед не ја заслужил титулата таа сезона.

Иако најмалку веројатниот исход е Манчестер Сити да остане без титулите откако беше објавено дека клубот е прогласен за виновен по 114 од 115 точки од обвинението за прекршување на правилата на Премиер лигата, тоа е најинтересното сценарио за навивачите, па затоа за него најмногу се зборува.

Легендата на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни, вели дека Јунајтед не ја заслужува титулата конкретно за сезоната 2011/12, дури и ако таа му биде одземена на Сити.

„Слушнав дека Рио рекол дека треба да додадеме уште еден трофеј во колекцијата… Но, мене не би ми било пријатно ако тоа се случи, да бидам искрен“, изјави Руни во подкастот „Stick To United“.

„Мислам дека таа сезона не ја заслуживме титулата, не направивме доволно за да бидеме шампиони. Мислам дека имавме предност од шест или седум бодови и на крајот ја прокоцкавме на пет натпревари до крајот на сезоната“, се присети Руни.

„Го видов сето она што се појави во јавноста во последните неколку дена, слушам што зборуваат луѓето и се обидов да се ставам во позиција на играчите на Манчестер Сити. Тие се фудбалери, прават сè што можат за да победуваат и да освојуваат титули и во нивните глави, токму тоа го направиле… Ако тие играчи не знаеле што се случувало над нив, а тоа да ми се случеше мене… би бил очаен, скршен“, искрено вели Руни.

„Тоа би можело да се случи, би можеле да им ги одземат титулите, но јас не го сакам тој медал. Мислам дека како тим не ја заслуживме; да ја заслуживме, ќе бевме први. Затоа, кога ги слушам тогашните соиграчи како велат: ‘Го сакам тој медал’, си помислувам – јас сум задоволен со петте што ги освоив. Таа сигурно не ја освоив. Дали треба да им ја одземат поради она што го правеле сопствениците на клубот? Веројатно, но јас не би се чувствувал пријатно ако некој ми ја даде“, заклучи Руни.

Во последното коло од сезоната 2011/12, Манчестер Јунајтед токму со голот на Вејн Руни го победи Сандерленд и мислеше дека ја освоил титулата, бидејќи во тој момент Сити губеше со 2:1 од Квинс Парк Ренџерс. Сепак, Един Џеко постигна гол за израмнување, а Серхио Агуеро ја донесе победата и титулата за Сити.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×