Вејн Руни го нападна Ерлинг Халанд откако напаѓачот на Манчестер Сити не сакаше да шутира пенал против Кристал Палас во финалето на ФА Купот и оваа задача му ја препушти на соиграчот Омар Мармуш.
Кристал Палас го освои својот прв трофеј во 119 годишната историја откако го изненади Манчестер Сити во финалето на ФА Купот.
„Граѓаните“ има за што да жалат, пропуштија неколку добри шанси, најдобрата ја имаше Омар Мармуш, кој не реализираше удар од белата точка во 36. минута.
По крајот на натпреварот, многу критики беа упатени кон Ерлинг Халанд и тоа што Норвежанецот одбил да преземе одговорност во важен момент.
Најжесток во нападите беше Вејн Руни, кој порача дека токму ваквите ситуации ги одвојуваат Лео Меси и Кристијано Роналдо од другите.
„Ерлинг Халанд е напаѓач од светска класа, но кога зборуваме за Лео Меси и Кристијано Роналдо, нема шанси тие да ја препуштат таа топка“ – вели поранешниот голгетер на Манчестер јунајтед.
„Тоа е она што ги разликува тие двајца од Ерлинг Халанд, Килијан Мбапе и другите фудбалери од ваков калибар“.
„Тие се себични и сакаат да дадат гол на секој натпревар“.
„Кога ќе влезе во серија на промашувања, мислам дека се гледа дека тоа му влијае и се одразува врз неговата игра“.
„Можеби самата помисла да шутира пенал на Вембли му беше премногу. Никогаш не знаете, тој е сепак човек.“