На Олд Трафорд се враќа Кристијано Роналдо, па ЦР7 доби шанса на прес конференција покрај тренерот Макс Алегри. Иако утре има голем фудбалски спектакл, неизбежни беа прашањата за индивидуалните награди кои ги загуби („Бест“ на ФИФА и „Златната топка“ на Франс Фудбал) ЦР7 откако го напушти Реал Мадрид, како и обвинувањата за силување.
„Не сум опседнат со индивидуални награди. Главна цел ми беше фокусот кон Јувентус. Новата авантура е неверојатна, уживам многу, прилагодувањето помина одлично и тимот е фантастичен. Индивидуалните награди не ми значат ништо. Имам освоено многу трофеи па нема никаков проблем“ – вели Кристијано Роналдо.
За обвинувањата за силување, тој вели: „Јас сум среќен човек. Пред две недели испративме соопштение. Секако дека нема да лажам за ваква работа. Моите адвокати се убедени, а и јас сум. Најважно е тоа што јас уживам во животот и уживам во фудбалот. Имам луѓе кои се грижат за сè друго. Вистината секогаш излегува на виделина“.
За враќањето на Олд Трафорд тој додава: „Емоциите се огромни. Знам се за историјата на Манчестер јунајтед. Освоив трофеи тука – купови, првенства, Лига на шампиони. Сер Алекс Фергусон е човек кој никогаш нема да го заборавам, сакам да му посакам се најдобро“.
„Натпреварот ќе биде тежок, знаеме дека Манчестер јунајтед има добар тим, играа дома, но и ние имаме наши адути и имаме шанса за добар резултат. Доколку играме, онака како што тренерот сака, сигурно можеме да победиме“.