Обидот на 12
клубови да формираат Европска Супер Лига заврши неславно, а по бурните реакции
во јавноста први се повлекоа англиските клубови кои на крајот го послушаа
гласот на своите навивачи, па дури и јавно се извинија за тој потег.
Стана јасно дека
без англиските клубови на Суперлигата црно и се пишува, па нешто подоцна се
повлекоа и останатите, меѓутоа останаа Реал Мадрид, Барселона и Јувентус како
цврсти поддржувачи на идејата за тоа натпреварување.
Девет од 12
клубови веќе испратиле писмо до европската куќа на фудбалот, УЕФА, во кое
потврдуваат дека и официјално се вон Европската Супер Лига, а тоа практично
значи дека продолжуваат во натпреварувањата исклучително под капата на УЕФА.
Постигнато е
спогодбено решение помеѓу УЕФА и деветте клубови кои се повлекоа, а истите
колективно ќе издвојат 15 милиони евра кои ќе бидат прераспределени за развој
на грасрут програмите, меѓутоа истовремено ќе им бидат одземени 5% од нивните
приходи од клупските натпреварувања под капата на УЕФА.
Реал Мадрид,
Барселона и Јувентус и натаму не отстапуваат од нивниот став дека Суперлигата е
неопходна за, според нив, спас на фудбалот општо гледано, меѓутоа УЕФА одлучи
овие три клуба да ги предаде на дисциплинска комисија, а им се заканува две
годишна суспензија од натпреварувањата под капата на УЕФА, сценарио кое
неодамна го најави и самиот претседател на УЕФА, Александер Чеферин.
Клубовите кои се
повлекоа од Суперлигата инаку се спогодија со меморандум, односно да бидат
казнети со 100 милиони евра доколку повторно се обидат да формираат одредено
неофицијално и затворено натпреварување, но и со 50 милиони евра доколку
прекршат било која друга обврска кон УЕФА.