Во последно време има многу шпекулации за тоа кој ќе биде тренер на Барселона следната година. Лошите резултати во завршницата од сезоната и загубената битка за титулата во Ла Лига, сериозно го разнишаа столчето на Роналд Куман.
Низ медиумите има многу гласини, а последните информации велат за враќање на Франк Рајкард.
Мундо Депортиво пренесува дека Жоан Лапорта пред да повлече потег сака да добие што е можно повеќе информации за тоа кои имиња можат да го наследнат Роналд Куман и за секое да направи детална анализа за предностите и негативните страни.
Во последните разговори му било споменато името на Франк Рајкард, МД пишува дека важни фудбалери од соблекувалната, но и поранешни играчи на Барселона на кои Жоан Лапорта им верува, предложиле Холанѓанецот да се врати на Камп Ноу и во исто време Чави да биде именуван за нов тренер на Барса Б, да се стекне со искуство и потоа да биде промовиран како предводник на првиот тим.
Франк Рајкард беше тренер на Барселона и кога Жоан Лапорта стана претседател во 2003 година. Стратегот ја донесе титулата во Лигата на шампиони во 2006 а освои и две титули во Ла Лига.
Голем хендикеп сепак е тоа што Франк Рајкард за последен пат беше тренер во 2013 година.