Елиминацијата во Лигата на шампионите по срамниот пораз од Ајакс ја прели чашата кај раководството на Реал Мадрид, веќе е јасно дека Солари нема да го дочека крајот на сезоната.
Според „АС“ има два кандидати за негов наследник, Зидан и Мурињо. Иако во моментов е без работа, се претпоставува дека Зидан не би се вратил толку брзо на клупата на Реал Мадрид по освоените три титули во Лигата на шампионите бидејќи е многу тешко да се повтори тој успех. Французинот сака да побара нов предизвик, а реални се шансите да го наследи Алегри во Јувентус.
Жозе Мурињо би требало да биде наследникот, а неговото назначување за нов тренер ќе се случи наскоро. Сезоната е веќе загубена за Реал Мадрид, па раководството на клубот смета дека новиот тренер е подобро уште сега да почне да размислува за идната.
Во летото се очекува да бидат донесени сериозни одлуки, дел од ѕвездите да бидат продадени, а нови да бидат донесени. Се шпекулира дека Мурињо ќе добир 550 милиони евра за нови засилувања.
Со новиот тренер Реал Мадрид треба да направи комплетен рестарт и да почне една нова ера.