Поразот од Полска е минато, пред македонските фудбалери е нов предизвик, денеска играме против Австрија која важи за втор фаворит во нашата група.
Исходот од овој натпревар може да биде предзнак на многу нешта, доколку победиме ќе ја одржиме шансата за едно од двете места кои водат директно на Европското првенство, но ќе ја задржиме и позитивната атмосфера која ја има во националниот тим. Пораз вечерва за многумина ќе биде знак дека оваа селекција на Македонија не е ништо повеќе од останатите, доминантна е против послабите селекции против кои и треба да биде, но не може да се носи со на хартија посилните.
Рано изгубени квалификации не значат и загубена шанса за пласман на ЕВРО 2020 бидејќи до него можеме да стигнеме и преку Лигата на нации, но ќе имаат голема улога на психолошки план меѓу фудбалерите.
Македонија одигра солиден меч со селекцијата на Полска против која во најмала рака бевме рамноправни, главниот фаворит во групата благодарение на еден случаен гол на Пјонтек дојде до трите бода од Скопје кои не ги заслужи.
Составот на Игор Ангеловски е доволно квалитетен да не дозволи повторно да остане со празни раце, добра игра без освоени бодови не е доволна, целта е Австрија да падне пред македонската публика но затоа треба фокусирана игра во сите 90 минути и реализација во нападот која затаи против Полска.
„Мора да настојуваме да играме на висина на задачата, ние во континуитет играме добро, не само со Полска туку и на претходните мечеви игравме допадлив фудбал, за жал тоа не ни донесе резултат против Полска, се надеваме дека со Австрија нема да биде така и ќе освоиме бодови на нашето конто“, вели селекторот Ангеловски.
За да се победи Австрија пред се мора да им се вратиме на погодоците кои ги немаше против Полска.
„Подолго време играме добро, обично постигнуваме голови на секој меч, за жал тоа не беше случај против Полска, загубивме од еден случаен гол на Пјонтек. Имавме неколку шанси, не успеавме да им дадеме гол, се надевам дека ќе го направиме тоа против Австрија“, вели Несторовски.
Најверојатно Елмас нема да може да игра на овој натпревар поради повреда, а отсутен ќе биде и Муслиу кој заработи црвен картон против Полска. Во составот на Австрија ќе ја нема главната ѕвезда Давид Алаба, а ќе недостасуваат и Јулијан Баумгартлинер и Мартин Хинтерегер.