Натпреварите од 28. коло на ПМФЛ донесоа бројни возбудувања и голови со вистинска кулминација во финишот на повеќе средби.
Најжестоко беше во Охрид каде што домаќинот Воска Спорт водеше со голот на Осеи, а потоа Дурански израмни на 1-1 во 71. минута. Поради лошо судење фудбалерите на охридскиот прволигаш во консултација со тренерот и управата се повлекоа од мечот во завршницата и речиси сигурно ги очекува казна и службен пораз од 0-3.
Дербито на рундата се одигра во Струга, а таму домаќинот ремизира против Гостивар (1-1). По прв дел без голови гостите поведоа во 51. минута преку Антонио Каланоски. Сепак, израмнувањето дојде преку Луис Кехинде во 86. минута од средбата.
Ова реми го искористи Работнички кој со пресврт го победи Пелистер со 2-1. Поведоа битолчани преку Мирко Ивановски во финишот на првиот дел, меѓутоа Гандо Биала со два погодоци донесе пресврт-триумф за домаќинот.
Водечката Шкендија се измачи и исто така со пресврт слави кај Беса (2-3). Поведе домаќинот во Гостивар преку Селмани, а потоа до полувремето Бесарт Ибраими и Фабрис Тамба донесоа водство за тетовчани. Следуваше втор гол за израмнување на Ремзифаик Селмани, но херој на Шкендија беше Зија Мерџани во 80. минута.
Силекс успеа да одржи чекор со водечката екипа откако на сличен начин со пресврт слави над Шкупи (1-2). Чаирчани стигнаа до предност со голот на Ансах во 32. минута од средбата, а во вториот дел Силекс со погодоците на Марко Ѓорѓиевски и Али Алиќ дојде до победата.
Многу важни бодови во борбата за опстанок забележа Тиквеш во дуелот против Брера Струмица (2-1). Кристијан Стојкоски и Арби Воша донесоа двојна предност за кавадарчани, а поразот го ублажи Травали.