Пред денешното последно коло во Првата македонска фудбалкса лига отворено е само едно прашање, се друго е познато.
Шкендија е новиот шампион, Силекс и Работнички го обезбедија учеството во европските квалификации, а нив ќе им се придружи и победникот од Купот на Македонија каде што во финалето се среќаваат Вардар и Струга.
Воска и Гостивар се исфрлени во понизок ранг, па сега останува само борбата да се избегне баражот.
Во таа битка се Брера и Беса. Брера има 31 бод и се наоѓа на деветото место, додека Беса со бод помалку е на 10-тата позиција.
Денеска струмичкиот состав ќе игра на свој терен против Работнички, додека Беса оди на гости кај Пелистер во Битола и тоа се две екипи кои немаат резултатски императив.
Брера е во „пол-позиција“ и самата одлучува, додека Беса ќе мора да слави, но и да го чека резултатот во Струмица.
Во останатите две средби денеска се среќаваат Шкендија – Силекс и Тиквеш – Струга. Сите натпревари се играат во терминот од 17:00 часот.