Тренерот на Фиорентина, Стефано Пиоли, не можеше да ги сокрие емоциите по поразот на неговиот тим на „Сан Сиро“ од Милан со 2-1. „Виолетовите“ беа поразени со гол од пенал во самата завршница, по што искусниот стратег јавно го изрази револтот кон судијата Ливио Маринели.
Одлучувачкиот момент се случи во самиот финиш кога по контактот меѓу Фабијан Паризи и напаѓачот на Милан, Сантијаго Хименез, судијата првично не покажа на белата точка, но по сигнал од ВАР собата сепак досуди пенал кој го реализираше Рафаел Леао.
„Тоа е една од причините зошто сум толку разочаран од овој резултат. Фиорентина вложи многу во овој проект, веруваа во мене и во мојата работа, но резултатите не доаѓаат. Мораме да се обидеме да бидеме подобри“, изјави Пиоли.
Тренерот не застана само на критиката за судиската одлука, туку испрати и силна порака за тоа како, според него, фудбалерите ја злоупотребуваат ВАР технологијата.
„Не сме само ние тие што треба да бидеме подобри. Ако продолжиме вака, ќе ги охрабриме играчите да симулираат, да паѓаат и да викаат, затоа што знаат дека ќе им се исплати. Судии ни рекоа дека ВАР интервенира само ако постои јасна и очигледна грешка. Кажете ми дали ова беше јасна и очигледна грешка…“, додаде Пиоли.
Италијанецот не го криеше разочарувањето и уверува дека неговиот тим мора што побрзо да се извлече од кризата во која западна, иако според него, „виолетовите“ не се единствените што страдаат од спорни судиски одлуки.