Следната недела,
Барселона и Реал Мадрид два пати ќе ги одмерат силите на „Сантијаго Бернабеу“.
Лутите ривали најпрво ќе се сретнат во среда во Копа дел Реј, а потоа во сабота
во рамките на Ла Лига.
Изминатиов
период, од таборот на Реал Мадрид имаа неколку замерки за календарот, а денеска
Солари уште еднаш потенцираше дека тие ќе имаат ден помалку за одмор пред
реваншот во купот.
Па откако
Барселона попладнево издвојува голема победа со пресврт во вториот дел на гостувањето кај Севиља,
Жерард Пике реши да ги загрее страстите и да испрати провокација.
„Ако паметам
добро, имаа ден повеќе одмор на првото „Ел класико“, па изгубија со 5-1. Знам дека
ќе сакаат да ни го зедат скалпот, но ќе сториме се што можеме за да се
пласираме во финале“ – вели дефанзивецот.
Запрашан каков
пречек очекува на „Баернабеу“, тој додава: „Исто како и секогаш, гостуваме кај
Реал Мадрид, нашиот вечен ривал. Очекувам жесток пречек, исто како и секогаш“.