Пелистер продолжува со реконструкцијата на тимот по испаѓањето од Првата македонска фудбалска лига, а битолскиот клуб денеска потврди разделба со шестмина фудбалери.
Најголемо внимание привлекува заминувањето на двајцата капитени, Мирко Ивановски и Александар Ристевски, кои повеќе нема да го носат зелено-белиот дрес. Покрај нив, клубот се раздели и со Андреј Јовчевски, Давид Ангеловски, Филип Бошковски и Вилдан Керим, на кои им истекоа договорите.
Од Пелистер преку официјално соопштение им се заблагодарија на сите шестмина за професионалниот однос, посветеноста и придонесот што го дадоа во изминатиот период, посакувајќи им многу успех во продолжението од нивните кариери.
Битолчани веќе работат на формирање на нов тим со кој ќе се обидат експресно да се вратат во елитното македонско фудбалско друштво.