Пандев: Сум одиграл повеќе од 500 натпревари во кариерата, но никој не бил важен колку мечот со Грузија

by
2 минути читање

Македонија утре гостува кај Грузија во најголемиот натпревар во нашата историја, победа ќе не однесе на Европско првенство. Погледите се свртени кон Горан Пандев за кого ова е последна шанса за настап на едно големо натпреварување, тоа ќе биде круната на неговата кариера и покрај тоа што со Интер ја има освоено Лигата на шампионите. 

„Кога почнав да играм фудбал, првата цел ми беше да настапам во нашиот свет дрес, дресот на македонската репрезентација. Овој сон ми се оствари, речиси 20 години сум во репрезентацијата. Сега сме на 90 минути до најважниот натпревар во мојата кариера, најважниот меч за целата држава. Се надевам дека мојот сон за настап на ЕП ќе се оствари, со нетрпение го очекувам овој натпревар“, вели Пандев во интервју за ФФМ.

„Сум играл безброј натпревари, многу финалиња, но настапот во репрезентативниот дрес е нешто посебно за мене. Не само за мене, туку и за сите овие момци што се тука. Едноставно не може а да не се даде максимумот на овој меч. Атмосферата е извонредна, 20 години сум во селекцијата и ве уверувам дека никогаш немало подобра атмосфера отколку под водство на селекторот Ангеловски“.

„Имаме големи шанси, знам дека нема да биде лесен натпреварот бидејќи и тие ја имаат истата желба како и ние. Но мислам дека имаме многу поквалитетна репрезентација. Треба да останеме присебни, да не не понесат емоциите, да останеме смирени, да одиграме како што ќе се договориме и убеден сум дека ќе ги добиеме Грузијците“.

„Имам одиграно повеќе од 500 натпревари во кариерата, сум играл многу важни натпревари, но ваков меч со репрезентацијата никогаш не сум играл. Свесен сум дека ова за мене е последна шанса. Нема спиење, со нетрпение го чекаме натпреварот. Јас сум тој кој треба прв да покаже смиреност и да ги поведе дечките до една голема победа по која сите ќе се радуваме“.

Во продолжение можете да го погледнете целото интервју: 

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани