Во интервјуто Пандев раскажува дека Сејдини сакал да го промени селекторот Игор Ангеловски пред дуелите со Грузија и Косово и смета дека претседателот на ФФМ не е среќен што Македонија ќе игра на Европско првенство.
„Се кроеше некаква политика, да бидам искрен, се кроеше долго време политика околу А-репрезентацијата и селекторот. Претседателот и некои луѓе сакаа да ја нарушат атмосферата во репрезентацијата, но не успеаја. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, а токму Сејдини и некои луѓе околу него, кои не ги ни познавам не дојдоа ниту да ни посакаат среќа. Некои луѓе околу претседателот и самиот тој, имам впечаток дека не се среќни што се пласиравме на ЕП. Сејдини по натпреварот со Израел од квалификациите за ЕП, каде завршивме трети на табелата, дојде и сакаше да го смени селекторот Ангеловски. По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели, Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски, му одговорив вие сте претседател, вие одлучувате, но според мене не е моментот вие да го правите тоа, сега пред натпреварите со Косово и Грузија. На крајот, сепак немаше сили да го направи тоа, затоа што цела македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нас како репрезентација. Некои луѓе работеа против репрезентацијата, ама не успеаја. Глумеа дека се среќни, а во лицето им се гледаше дека не се. Жално е сè што се случува по пласманот на ЕП, некои играчи играат толку време, а тие без срам си поделија премии, кога видов не верував дека си поделиле премии. Овде во Италија, кога зборувам со играчите, со управата во Џенова, ми се чудеа, велат тоа не е можно, а јас им велам тоа е Македонија и сè е можно“, вели Горан Пандев за „ТВ 24“.
„Не сакам да навлегувам во тоа дали има политика, оти не разбирам ништо од политика. Но, овие луѓе од раководството на ФФМ, членови на УО кои патуваат со нас како репрезентација, се повеќе од 15 години и јас искрено не знам што направиле тие за мак фудбалот. Тие доаѓаат да се шетаат и да се радуваат кога ќе изгубиме. И потоа да зборуваат, како овие репрезентативците за ништо не ги бидува. Пред мечот со Косово очекував претседателот Сејдини барем да дојде во хотелот, да нè поздрави, да ни посака среќа, но од човек кој никогаш немал фудбалска идеја и не бев изненаден што после натпреварот воопшто не влезе во соблекувална да ни честита. Како и да е, оваа генерација заслужи да ги има најдобрите услови за работа, а сакам да потенцирам дека 90% од репрезентативците не ни знаат кој е претседател на ФФМ кој е потпретседател и кои се луѓето кои патуваат со нас, тоа се анти-фудбал луѓе. Јас со Адеми, со Алиоски, со Барди се слушам секој ден како браќа сме“.
„Она што најитно треба да се направи за македонскиот фудбал е да се тргнат луѓето од федерацијата на чело со Сејдини и да дојдат луѓе кои знаат и имаат идеја. Пример нека им биде Ракометната федерација. Видете, не е фудбалот само, ние да фрламе пари, а Сејдини и некои негови другари да кажуваат вака треба, така треба, а да нема никаков напредок во мак-фудбалот“.