Според Пандев, нема поаматерска лига од македонската, кај нас однапред се знае што ќе се случи, а челниците на ФФМ го гледаат личниот интерес наместо да се заложат за развој на фудбалот. Тој вели дека нема амбиција да се кандидира за претседател на ФФМ, но е подготвен да помогне за развој на фудбалот во Македонија.
„Не, немам амбиции да бидам претседател на ФФМ, но спремен сум да помогнам македонскиот фудбал да го подигнеме на едно повисоко ниво. Според мене, моментално македонската лига е најаматерската и најнаместена, најнекоректна лига во цел свет. Нашата Федерација не прифаќа никакви закони. Еве кажете, да претпоставиме и да сакам јас или било кој друг, како да се кандидираме за претседател на ФФМ? Јас не знам како државата дозволува да се одржуваат вакви собранија. Лани, раководството го прекина првенството. Ние вложивме 600 илјади евра и денес сите ќутат, како е тоа можно“, изјави Пандев во гостувањето во Студио 10 на ТВ 24 и додава:
„Сакам да помогнам на мак фудбалот, но некои луѓе не сакаат. Има неколку луѓе кои командуваат во нашата лига. Да не навлегуваме многу со имиња, но кај нас се знае однапред, кој ќе игра Лига шампиони, кој Лига Европа. Рака на срце, Шкендија да, сопственикот инвестира, има услови, но видете го Вардар во каква состојба е. Јас лично, сакам да видам проект, да знаеме зошто вложуваме. Не може 10 дена пред натпревар да се знае кој ќе ѝ суди на Академија Пандев, сите си ќутат и никој ништо не збори. Зошто е тоа така, треба да го прашаме претседателот. Видете кои луѓе одлучуваат за мак-фудбалот и сè ќе ви стане јасно. Не е нормално од прволигашите да нема делегати на изборно собрание, да нема делегати од Шекндија, од Македонија ЃП, од Работнички, од други прволигаши тоа е невозможно. Мислам дека ФФМ не почитува никаков закон, ако воопшто постои закон. Во Италија, претседател избираат клубовите од прва, втора и трета лига“.
„Цело време се фалат дека граделе трибини, па фудбалот не се игра на трибини. Клубовите немаат услови, немаат терени каде да тренираат, фудбалот се игра на терени, не трибини. Но знаеме дека од градежните работи може повеќе да се добие за нив“.
Пандев откри и дека Сејдини сакал да го смени Ангеловски пред дуелите со Косово и Грузија, тоа можете да го прочитате ТУКА.