Легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев во интервју за „Фотмоб“ зборуваше за различни теми меѓу кои и неговиот однос со актуелниот селектор Благоја Милевски.
Пандев беше во конфликт со претходното раководство на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), вклучително и со селекторот Благоја Милевски.
Сега тој е функционер во новата гарнитура на ФФМ, вели дека има професионален однос со Милевски.
„Би го опишал нашиот однос како професионален. Тој е актуелен селектор на репрезентацијата и новото раководство предводено од претседателот Омерагиќ му ја даде целосната поддршка. Исто така, тој ги започна квалификациите за СП 2026 добро и се надевам дека ќе не израдува и ќе не одведе на наше прво Светско првенство. Но, тој сам си ја креира судбината, бидејќи резултатите се огледало на работата на селекторот и му посакувам среќа“, рече Пандев.
Тој откри дека разговарал со Стефан Ристовски за евентуално негово враќање во репрезентацијата, но не успеал да го предомисли.
„Се јавив на Стефан уште во декември минатата година, веднаш по промената на раководството и разговарав со него, а имаше и средба помеѓу претседателот Омерагиќ и него, иако јас не присуствував на таа средба. Му кажав дека и јас имав слични дилеми кога одлучив да се повлечам од репрезентацијата во 2014 (од ноември 2014 до октомври 2015), но Стефан има поинаков став бидејќи тој се повлече по срамниот пораз од Англија, и тоа е негова одлука и мораме да ја почитуваме. Тој е искусен фудбалер и зрела личност кој беше капитен и кај нас и во Динамо Загреб, верувам дека сè уште може многу да придонесе за репрезентацијата бидејќи продолжува да игра на високо ниво. Наша обврска беше да разговараме со него, но конечната одлука е негова“.
Пред Македонија се мечевите со Белгија и Казахстан, Пандев е свесен дека ќе биде многу тешко, но верува во нашите репрезентативци.
„Верувам во позитивни резултати, но истовремено сметам дека овие неколку претстојни натпревари ќе бидат најтешките досега, бидејќи доаѓаат на крајот од сезоната. Иако тоа повеќе важи за Белгија отколку за нас, затоа што тие имаат многу повеќе фудбалери од светска класа кои настапуваат во најсилните европски лиги. Тие се фаворити, нема сомнеж во тоа, но јас верувам во нашиот состав и покажавме и против Лихтенштајн и против Велс дека поседуваме квалитет. Со помош на нашите навивачи, можеме да се надигруваме со Белгија и се надевам дека стадионот ќе биде полн за да ги поддржи момците“, смета Пандев.