Отворена е постапката: Се решаваат административни пречки за Тодороски и Караташ да може да играат за Македонија

by Стефан
1 минути читање

Македонската репрезентација во претстојните натпревари од Лигата на нации би можела да добие неколку нови имиња. Повикот за Матеј Гаштаров веќе е потврден, додека Андреј Тодороски и Казимчан Караташ се на чекор од можноста да заиграат во националниот дрес.

Селекторот Гоце Седлоски ги следи настапите на двајцата фудбалери и нивните игри во клубовите го привлекоа неговото внимание. Сепак, административните процедури во моментов се единствената пречка за Тодороски и Караташ да добијат повик за Македонија.

Тодороски настапува за ТСЦ, каде што пристигна од Спартак. Фудбалерот поседува и австриски пасош, со оглед на тоа што поголем дел од младоста ја поминал во Австрија, каде што живеел со своето семејство.

Слична е ситуацијата и со Караташ. Тој е член на Галатасарај, актуелниот шампион на Турција, а речиси целата кариера ја гради во турскиот фудбал. Во минатото настапуваше за Алтај, Анкарагучу и Башакшехир, додека во 2025 година имаше кратка епизода во Словенија.

Во моментов за двајцата фудбалери се води процедурата за добивање спортски пасош, кој ќе им овозможи да го облечат дресот на Македонија. Желбата за настап за националниот тим постои и кај Тодороски и кај Караташ.

Македонија својот прв натпревар од новото издание на Лигата на нации ќе го одигра на 26 септември, кога на домашен терен ќе ја пречека Швајцарија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×