Француската фудбалска федерација и официјално го назначи Зинедин Зидан за нов селектор на националниот тим. Со тоа заврши 14-годишната ера на Дидие Дешан на клупата на „триколорите“.
Иако неговото доаѓање беше најавувано уште пред неколку месеци, сега договорот е и официјално потврден. Зидан ја презема репрезентацијата со која како фудбалер ги освои светската титула во 1998 година и европската круна во 2000 година, а беше дел и од тимот кој играше во финалето на Мундијалот во 2006 година.
На селекторската позиција го наследува Дешан, кој ја водеше Франција од 2012 година и во тој период ја освои титулата светски шампион во 2018 година, како и Лигата на нации во 2021 година.
Зидан е без тренерски ангажман од 2021 година, кога по вторпат го напушти Реал Мадрид. Со „кралскиот клуб“ испиша историја, освојувајќи три последователни титули во Лигата на шампионите, како и две шампионски титули во Шпанија, два Суперкупа на Шпанија, два Суперкупа на Европа и две Светски клупски првенства.
Легендарниот Французин сега ќе има задача да ја задржи репрезентацијата во самиот светски врв и да се обиде да донесе нови трофеи на една од најуспешните селекции во последните две децении.