Вардар конечно тргнува по вистински пат стабилизацијата е во полн ек, а во најтрофејниот македонски клуб веќе се чувствува новата енергија. Откако новото раководство ги среди сите детали околу исплатата на долговите, започна и со креирање на буџетот за наредните сезони.
Извршниот директор Миленко Неделковски уште претходно најави буџет од 3,5 милиони евра, а денеска доаѓа и најавата за сериозен спонзор кој влегува во приказната. Станува збор за компанија која веќе вложува во клубови од Романија, Бугарија, Хрватска и Унгарија, потег кој јасно покажува дека Вардар не сака само стабилност, туку и амбиција.
„Црвено-црните“ подготвуваат тим за враќање на старата слава и полека ги вртат моторите за новата сезона, која ќе почне на европска сцена. Вардар со триумфот во Купот на Македонија избори место во квалификациите за Конференциската лига, каде во првото коло ќе се соочи со Ла Фиорита од Сан Марино. Првиот меч ќе се игра во Скопје на 10 јули, реваншот следува една недела подоцна.