Арсенал го победи Реал и на гостувањето во Мадрид, Сака и Мартинели донесоа славје од 1-2 и прво полуфинале за „топчиите“ во Лигата на шампиони по 2009 година.
Реал Мадрид не успеа да приреди ново чудо во Лигата на шампиони, избраниците на Карло Анчелоти вечерва не можеа да му парираат на одличниот Арсенал.
„Топчиите“ покажаа дека победата од 3-0 во Лондон не била случајна, го освоија и „Бернабеу“ и за прв пат по 16 години се пласираа во полуфинале.
Првото полувреме донесе многу контроверзија, со помош на ВАР беше досуден пенал за Арсенал, кој Сака не го реализираше откако проба со „Паненка“ да го матира Куртоа, кој остана присебен и одбрани.
На спротивната страна судијата досуди и најстрога казна во корист на Реал Мадрид, но по 5 минути проверка со ВАР, пеналот беше поништен.
Резултатот беше отворен во 65. минута, Мерино одлично го проигра Сака, кој ја префрли топката преку Куртоа за 0-1.
Реал Мадрид одговори две минути подоцна, Винисиус му украде топка на Салиба на работ од шеснаесетникот и рутински ја затресе мрежата за 1-1.
„Кралевите“ потоа притиснаа по нов гол, но тешко доаѓаа до шанса, па во финишот од мечот, Мартинели истрча контра и погоди за 1-2.