Македонскиот напаѓач Никола Величковски ја продолжува кариерата во Албанија, откако официјално беше претставен како нов фудбалер на Скендербег.
За 22-годишниот офанзивец ова ќе биде втор интернационален ангажман, по претходната епизода во бугарски Септември Софија. Во Албанија пристигнува од Брера Струмица, каде што настапуваше во изминатата сезона.
Величковски е производ на школата на Вардар, а во Македонија го носеше и дресот на Работнички, Македонија Ѓорче Петров и Брера. Во Првата македонска фудбалска лига одигра 62 натпревари, постигна 11 голови и запиша три асистенции.
Неговиот нов клуб Скендербег оваа сезона се враќа во албанската елита, а Величковски ќе биде дел од тимот во обидот да избори стабилен настап во Суперлигата.