Поранешниот шампион на Италија и освојувач на европски трофеј, Сампдорија, доживеа историски пад – за првпат по 79 години постоење, клубот од Џенова испадна во третата лига на италијанскиот фудбал, Серија Ц.
Во последното коло од Серија Б, Сампдорија одигра реми без голови против Јуве Стабија (0-0), но резултатите на останатите натпревари не беа во нејзина корист, па така го доживеа најголемиот пад во својата историја.
Сампдорија ја напушти Серија А во 2023 година, по 12 последователни сезони во највисокиот ранг, и тогаш многумина веруваа дека брзо ќе се консолидира и ќе се врати меѓу најдобрите. Но, само две години подоцна, Сампдорија потона уште подлабога.
Три дена по испаѓањето, атмосферата околу клубот е и тоа како тензична. Стотина гневни навивачи се собраа пред спортскиот центар каде што фудбалерите на тренерот Алберико Евани имаа т.н. „казнен тренинг“. Како што пренесува „Газета дело Спорт“, протестите биле жестоки – играчите биле навредувани, им се скандирало „Вие сте го*на“, „Надвор предавници од Сампдорија“…
Кулминацијата на понижувањето се случила кога навивачите побарале од фудбалерите да ги соблечат дресовите и да им ги предадат. „Не сте достојни да ги носите“, им било кажано, а фотографиите од настанот брзо се проширија во италијанските медиуми (ТУКА).