Меѓународниот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) бара промени во регулативите, со цел да се заштити здравјето на играчите на Светското првенство во 2026 година. Предлогот предвидува продолжување на полувремето на 20 минути, како и почести паузи за разладување поради екстремните температури што се очекуваат во дел од градовите-домаќини.
Според анализите на ФИФПРО, дури девет од вкупно 16 градови што ќе бидат домаќини на мундијалот се класифицирани како под „екстремен ризик“ за здравјето на фудбалерите кога станува збор за топлотни заболувања.
Атланта, Бостон, Далас, Гвадалахара, Хјустон, Канзас Сити, Мајами, Монтереј и Филаделфија се на листата на локации каде што комбинацијата на високи температури и влажност би можела да го отежни играњето на натпреварите.
Од Синдикатот предупредуваат дека ако навреме не се преземат мерки, фудбалерите би можеле да се соочат со сериозни здравствени последици, што дополнително ја отвора дилемата дали фудбалот е подготвен за климатските предизвици на новото време.