Вистинска драма се случува во Реал Мадрид откако Килиан Мбапе јавно го критикуваше тренерот Алваро Арбелоа по победата над Овиедо од 2-0.
Французинот, кој натпреварот го започна од клупата за резерви, предизвика огромно внимание со изјавата дека Арбелоа му соопштил дека во моментов е дури четврта опција во нападот, иако Мбапе сезонава е убедливо најефикасниот фудбалер на „кралскиот клуб“ со 41 гол на 42 натпревари.
Целата ситуација ја коментираше и Жозе Мурињо, кој не го криеше разочарувањето од случувањата во Мадрид. Португалецот откри дека особено тешко му паднала целата приказна поради неговиот близок однос со Арбелоа од времето кога заедно работеа во Реал Мадрид.
„Ме боли кога го слушам тоа, бидејќи Арбелоа е мој пријател. Како играч секогаш даваше сѐ за тимот што го водев. Но така е кога ќе станеш тренер. Понекогаш им велам на поранешните играчи да погледнат колку седи влакна ќе добијат кога ќе влезат во тренерските води. Тогаш сфаќаат дека е полесно да се биде играч отколку тренер“, изјави Мурињо.
Искусниот стратег, кој моментално ја предводи Бенфика, според дел од европските медиуми повторно се поврзува со враќање на клупата на Реал Мадрид, особено доколку дојде до тренерска промена во шпанскиот гигант.