Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, ги демантираше шпекулациите дека преговара со Реал Мадрид. Во изминатите денови искусниот португалски стратег се поврзуваше со враќање во Мадрид, како еден од кандидатите кои наводно ги разгледува претседателот Флорентино Перез. Сепак, Мурињо јасно стави до знаење дека од тоа засега нема ништо.
„Никој од Реал Мадрид не ме контактирал. Тоа го гарантирам. Во фудбалот сум толку години и навикнат сум на вакви гласини, но од Реал Мадрид немаше никаков сигнал“, изјави Мурињо за португалскиот медиум „A Bola“.
Португалецот има договор со Бенфика до крајот на следната сезона, иако во истиот постои и откупна клаузула за која се шпекулираше дека „кралскиот клуб“ би можел да ја активира.
Барем засега, приказната за враќање на Мурињо на „Сантијаго Бернабеу“ останува само во доменот на гласините.