Рома долго чекаше на трофеј, а во Европа го имаа освоено само Купот на саемски градови, тоа не е натпреварување на УЕФА, па не се ни рачуна во официјалната статистика.
Конференциската лига е нивниот прв европски трофеј, а за Жозе Мурињо петти. Тој освои титула во својата прва сезона во Рома и вети дека ќе остане и покрај шпекулациите кои го поврзуваат со враќање во Премиерлигата.
„Ова беше историја. Испишавме историја. Испишавме. Останувам во Рома, нема сомнеж во тоа и покрај сите гласини“, вели Жозе Мурињо со солзи во очите.
„Има многу работи кои поминуваат низ мојата глава во моментов. Многу работи во исто време“.
„Во Рома сум 11 месеци и во истиот момент кога стигнав сфатив што значи ова, тие го чекаа ова. Во соблекувалната за време на мечот со Торино им кажав на момците дека ние го направивме тоа што требаше, се квалификувавме во Лига Европа. За тоа работевме цела сезона“.
„Ова вечерва не беше работа, ова беше историја. Требаше да испишеме историја и ја испишавме“.
„Конференциската лига беше натпреварување кое сакавме да го освоиме уште од самиот старт. Тоа стана посилно кога се приклучија и екипите од Лига Европа. Но продолживме да се бориме до крај, поради тоа загубивме некои бодови во Серија А, но дадовме многу за да дојдеме до овој трофеј“.
Има шпекулации кои го поврзуваат Мурињо со Њукасл и ПСЖ. Но тој им вети на фановите на Рома дека останува.
„Останувам, нема сомнеж во тоа. Без разлика на шпекулациите, останувам во Рома. Сега треба да седнеме со сопствениците на клубот и да видиме кои се следните цели, што ќе сакаме од следната сезона. Можеме да изградиме навистина силен проект со искрени професионалци“.
„На фановите на Рома им порачувам да ја слават ноќта, да уживаат и да ја паметат вечно“.
Обложувај се онлајн на Моцарт, 100% бонус на прва уплата до 400 евра, регистрирај се на овој ЛИНК.