Рома никако да го победи Бодо/Глимт, денеска се спаси од пораз во финишот од мечот. Норвешкиот тим постигна два гола од два шута, а во полза им одеа и судиските одлуки.
Во Конференциската лига нема ВАР, па судиите двапати не видоа игра со рака на гостинските фудбалери, намерна игра со рака, нешто што го изнервира Жозе Мурињо.
„Мислам дека резултатот не е реален. Не одигравме добро, направивме многу грешки, посебно во првото полувреме. Секогаш кога топката ќе дојдеше до Верету или Дарбо ја губевме“, вели Мурињо.
„Реалноста е 2-2, но имаше два пенали чисти како ден. Чисти како ден. Можете да зборувате што сакате, но мечот заврши 2-2, тие имаа два шута во рамките од голот и двапати погодија. Ние постигнавме два гола и не ни досудија два чисти пенали“.
„Не знам дали во Конференциската лига ставаат лоши судии кои ја почнуваат свовјата кариера. Не кажав ништо за судењето во Норвешка бидејќи загубивме со 6-1, но тука не добивме два чисти пенали“.
„Точно е дека имаме проблеми со реализацијата во последно време, Заниоло и Абрахам не се во добра форма. Само Ел Шарави игра добро во нападот, да бидеме фер Шомуродов беше повеќе на клупата. Но ајде да бидеме прагматични во статистиката, колку бодови загубивме поради судиски грешки? Видете ги натпреварите против Јувентус, Милан и Бодо/Глимт“.