Најтрофејниот клуб во Молдавија Шериф Тираспол, ја заврши сезоната без ниту еден пораз, но неверојатно тоа не беше доволно да ја освои титулата, но не беа ниту на втората позиција.
Шериф одигра реми без голови против Милсами во последното коло и со тоа ја заокружи сезоната без пораз, но на крајот се најде на третата позиција. Пред нив се пласираа екипите Зимбру како вицешампион и изненадувачкиот нов шампион, Милсами, кому ова му е само втора титула во историјата на клубот.
Причината за ваквиот необичен расплет лежи во специфичниот систем на натпреварување што го користи молдавското првенство, систем што се разликува од речиси сите останати европски лиги. Имено, по завршување на регуларниот дел од сезоната, во кој Шериф беше доминантен и заврши со дури 15 бодови предност пред најблиските ривали, се бришат сите бодови и следува доигрување. Во таа фаза влегуваат шест од вкупно осум екипи, а сите почнуваат од нула. Секој клуб игра уште десет натпревари и токму тие натпревари го одредуваат конечниот шампион.
Интересно е што Милсами, кој во регуларниот дел бил само петтопласиран со дури шест порази, успеа токму во клучниот момент да се издигне. Во доигрувањето, Милсами запиша пет победи и пет ремија, што на крајот им беше доволно за шампионската титула, токму поради правилата што им наштетија на Шериф.
Фото: Sherif FC/X