Министерот за
спорт на Италија, Винченцо Спадафора вчера и официјално потврди дека
фудбалската сезона во таа земја продолжува од 20. јуни, а од 13. до 20. јуни би
можел да се комплетира и куп натпреварувањето.
Италија е земја
која беше силно погодена од пандемијата со коронавирусот, па од таа причина,
Спадафора не крие дека бил гневен во мошне чувствителниот период на таа земја,
од него да се бара продолжување на сезоната од страна на фудбалските власти.
„Јас изминатиов
период видов различни лица на претседателите, како и да е, сите тие имаат
пасија во себе околу нивниот свет на живеење, во однос на посакуваното враќање
на фудбалот“ вели Спадафора за „Тг5“.
„Дали јас сум
злото за фудбалот? Бев многу гневен кога тие побараа од мене да продолжат со
сезоната пред еден месец, а ние се уште се соочувавме со големи проблеми околу
интензивната нега, како и пренесувањето на ковчезите со возилата на
Министерството за одбрана“ додава тој.
„Сето тоа го
гледав како нешто апсурдно, околу барањето од нивна страна за конкретен датум
во тој период, денеска, сметам дека е вистински тајминг за фудбалот повторно да
се врати“ заклучи Спадафора.
Министерот воедно
посочи дека враќањето на фудбалот во таа земја е мошне важен сигнал за Италија
во овој чувствителен период кога опасноста од Ковид-19 има благ пад, тврдејќи
дека сега е возможно да се продолжи со фудбалот на еден безбеден начин, со
запазување на одредени мерки, грижејќи се за здравјето на сите инволвирани во
тој процес.