Тренерот на Црвена Звезда, Владан Милојевиќ изрази сочувство за загинатите во пожарот во Кочани и изрази желба повторно да гостува на „Тодор Проески“ но на натпревар со друг повод.
Вардар и Црвена Звезда вечерва одиграа хуманитарен натпревар, сите средства од мечот во Скопје ќе бидат донирани на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.
Резултатот беше во втор план, но шампионот на Србија покажа дека во моментов има далеку поквалитетен тим од најтрофејниот македонски клуб, и победи со 1-3 на „Тодор Проески“:
„Сакам да изразам сочувство на настраданите во трагедијата и да посакам такво нешто никогаш повеќе да не се случи“ – вели тренерот на Црвена Звезда, Владан Милојевиќ.
„Тука сме на иницијатива на легендите Панчев и Најдовски, и сакам да му се заблагодарам на нашиот клуб што прифати да се одигра еден ваков натпревар“.
„Сакам да ги поздравам и навивачите на Вардар, кои цел натпревар навиваа за својот клуб и направија една фантастична атмосфера“.
„Црвена Звезда гостуваше тука по 30 години на овој стадион кој го носи името на можеби мојот омилен пејач Тоше Проески, и се надевам дека некој нареден пат ќе дојдеме тука повторно и ќе одиграме натпревар по некој друг повод“.