Стартот на сезоната не ветуваше многу, но дербито меѓу Милан и Интер ја промени формата на Чалханоглу.
Турчинот во летниот преоден рок како слободен фудбалер премина од црвената во сината страна на Милано, направи контроверзен трансфер.
Чалханоглу не ја почна најдобро сезоната, постигна еден гол и имаше две асистенции во првите девет натпревари од сезоната.
Но миланското дерби беше пресвртна точка.
На тој натпревар Чалханоглу погоди од пенал во првото полувреме и го прослави на контроверзен начин гледајќи кон ултрас навивачите на Милан.
Во вчерашната победа над Каљари, Чалханоглу даде гол и имаше асистенција. На последните шест меча на Интер во Серија А, директно допринесе за осум голови. На тие натпревари постигна вкупно пет голови и три асистенции.
По дуелот со Каљари, Чалханоглу повторно имаше изјава која индиректно беше насочена кон Милан.
„Многу сум среќен тука. Горд сум. Сакам да му се заблагодарам на тимот, бидејќи навистина ми помогнаа да станам важен играч, тие имаа чувство за мојот квалитет и допринос, па јас го давам најдоброто за клубот“, вели Чалханоглу кој очигледно сака да каже дека во Интер го третираат многу подобро отколку во Милан.