Милан славеше на
гостувањето кај Парма со 1-3, а по првите 45 минути игра гостите имаа водство
од 0-2, па уште во тој период од мечот ја најавија победата во рамките на 30
коло од Серија А.
Ребиќ погоди за
почетно водство на „Росонерите“ во 8 минута, а Ибрахимовиќ имаше маестрална асистенција за овој гол, за потоа Кеси на една минута пред паузата
го дуплираше водството на 0-2 и уште во овој период се навести победа на
гостите.
Во второто
полувреме Милан во 60 минута остана со играч помалку на теренот откако
Ибрахимовиќ се здоби со исклучување, односно директен црвен картон, а повеќе од очигледно е дека ветеранот
нешто му коментираше на главниот арбитар Ди Бело.
Домаќините за
момент ја искористија бројчаната предност од фудбалери на теренот, па со голот
на Гаљоло во 66 минута намалија на 1-2, меѓутоа дилемите ги реши Леао со гол во
самата завршница за конечни 1-3 за Милан на овој меч.
Со оваа победа
Милан сега има 63 бода, осум помалку од лидерот Интер, а веднаш под „Росонерите“
е Јувентус на третото место со 59 бода. Утре Интер на домашен терен го
пречекува Каљари, а Јувентус пак на свој терен ќе ги одмери силите со Џенова на
нашиот капитен Горан Пандев.
Што се однесува
пак до Парма, оваа екипа со 20 бода е на претпоследното 19 место на табелата, а
најблиску вон опасната зона е Торино која има два меча помалку, но и 24 бода
досега.