Милан долго водеше, па во 93. минута избегна пораз против Пиза! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
1 минути читање

Фудбалерите на Милан кикснаа на отворањето на осмото коло во Серија А, одново против екипа која минатата сезона беше второлигаш. Овојпат „росонерите“ ремизираа со Пиза (2-2) во многу возбудлив натпревар.

Многу рано публиката на „Сан Сиро“ се израдува на прв погодок, бидејќи по само седум минути игра водство донесе Рафаел Леао (1-0). Во продолжението на првиот дел Милан беше подобар, имаше апсолутна доминација на теренот и притискаше, меѓутоа на моменти делуваше прележерно и не успеваше да ја удвои предноста.

Во вториот дел изненадувачки подобро влезе Пиза и го опомена фаворитот. Летаргичноста беше казнета откако Де Винтер играше со рака, а гостите добија пенал. Одговорноста ја презеде ветеранот Хуан Квадрадо и реализира за 1-1 по точно еден час игра.

Тогаш Милан се подразбуди и следуваа неколку шанси. Леао ја погоди пречката од гостинскиот гол, се закануваа Салемакерс и Габија, а Нкунку потфрли откако доби зицер и ударот му го блокираше дефанзивец. Казната за промашувањата дојде преку Мбала Нзола, кој во 86. минута погоди за водство на Пиза (1-2).

Милан не се откажа, тргна во целосна офанзива, а момчето кое дотогаш беше трагичар поради тоа што беше виновник за вториот гол, но направи и неколку грешки Закари Атекаме донесе израмнување. Тој доби топка од Модриќ и изненадувачки шутна од 25 метри и погоди за 2-2 во 93. минута. Се играше 99 минути фудбал, Милан целосно притисна, а најголемата шанса ја испушти Алексис Салемакерс кој во последните секунди истрча пред голот по одличен свој продор, но не ја погоди метата.

„Росонерите“ имаат 17 бода на водечкото место во калчото, а под нив се Интер, Наполи и Рома со по 15.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×