Една од најпознатите фотографии во светот на фудбалот, на која Лионел Меси го капе тогаш петмесечниот Ламин Јамал во 2007 година, повторно го привлече вниманието на јавноста откако Аргентина и Шпанија обезбедија пласман во финалето на Светското првенство, а на оваа тема за првпат сега зборуваше и Аргентинецот.
Фотографирањето беше организирано за хуманитарниот календар за 2008 година, во соработка меѓу Фондацијата на Барселона, весникот „Спорт“ и УНИЦЕФ. Во рамките на проектот, фудбалерите на Барселона позираа со бебиња, а семејството на Јамал било избрано преку хуманитарна наградна игра.
„Искрено, таа фотографија е неверојатна. Неверојатно е како животот ги мести работите. Се фотографирам со него додека беше бебе, а денес, деветнаесет години подоцна, играме еден против друг во финале на Светско првенство. И самиот кога го кажувам тоа, звучи сосема нереално, но така е“, изјави Меси.
Аргентинската ѕвезда не штедеше пофалби за младиот шпански репрезентативец, нагласувајќи дека со особено внимание го следи неговиот развој бидејќи настапува за Барселона.
„Ламин е фантастичен фудбалер. Многу го следам затоа што игра за клубот што неизмерно го сакам и на кој секогаш му посакувам успех. На само 19 години стана една од водечките фигури во светскиот фудбал. Во овој момент, без никакво сомневање, е меѓу најдобрите играчи во светот. Му посакувам огромен успех во кариерата, бидејќи сè што е добро за него, е добро и за Барселона“, рече Меси.
Сепак, и покрај сите пофалби, капитенот на Аргентина јасно порача дека во финалето нема да има никакви привилегии.
„Пред него е цела кариера и има одлична можност да направи нешто историско во ова финале. Но, ние ќе направиме апсолутно сè што можеме за да се погрижиме тоа овојпат да не му успее“, истакна Аргентинецот.