Агентот на
Кристијано Роналдо, Жорге Мендеш изјави дека неговиот клиент му рекол дека
посакува да го напушти Реал Мадрид, а да му се приклучи на Јувентус уште во
јануари, а тој воедно објасни како течеле преговорите и од каде се’ започнало.
Португалскиот
офанзивец ја заврши својата и повеќе од успешна девет годишна авантура во
дресот на Кралевите во јули годинава, откако потпиша за Јувентус, клуб, кој
издвои 100 милиони евра за неговите услуги, но, Мендеш додава дека одлуката
паднала неколку месеци пред да се официјализира трансферот.
„Кристијано е
најдобриот во историјата, тоа што се случи овој договор не е моја заслуга,
заслугата ја препишувам на Јувентус, како клуб, а воедно и нивниот претседател
Андреа Ањели, кој одлучи да го земе Кристијано. Јувентус го посакуваше него и
го доведе во својата екипа, тој уште во јануари ми рече дека сака да игра во
тој клуб, тоа е вистината“ открива Мендеш кој притоа додава дека преговорите започнале
уште пред мечот со италијанскиот клуб во Лигата на шампионите, каде
Португалецот постигна спектакуларен гол со ножички а притоа доби овации од
гледалиштето кај фановите на Јувентус.
„Мислев дека ова
е невозможна мисија, но, тоа што му го реков беше дека ќе биде исклучително
комплицирано, но, не и невозможно. Потоа имав средба со директорите, првата
средба ја имав со Павел Недвед и Фабио Паратичи, тоа се случи пред мечот против
Реал Мадрид“ вели тој.
„Потоа имав и
средба со претседателот, потоа, од невозможно, јас почнав да верувам дека сето
тоа е возможно, откако Ањели ги презема работите во свои раце, работите станаа
изводливи, преговорите траеа неколку месеци“ објасни португалскиот фудбалски
агент.
33 годишниот
Роналдо објаснувајќи ја одлуката да потпише за Јувентус, рече дека тоа не го
прави за пари, тој додаде дека, доколку му била таква намерата, тоа ќе го
сторел потпишувајќи за клуб во Кина, каде ќе заработел можеби и до пет пати
повеќе од тоа во италијанскиот шампион.