Манчестер Јунајтед официјално го објави списокот на играчи кои ќе го напуштат клубот по крајот на сезоната, како дел од најавената голема реконструкција на тимот летово.
Меѓу имињата што заминуваат се Кристијан Ериксен, Виктор Линделоф и Џони Еванс, а се очекува дека заминувања би можеле да следат и кај други значајни фудбалери како Маркус Рашфорд, Антони, Џејдон Санчо, Алехандро Гарначо и Каземиро.
Ериксен се прости од клубот на најдобар можен начин – со погодок од белата точка во последниот натпревар за „ѓаволите“, победата од 2-0 над Астон Вила. Тоа беше негов 108. настап во црвениот дрес. Во истиот натпревар настапија и Линделоф и Еванс.
Линделоф става крај на осумгодишната епизода на „Олд Трафорд“ со 284 одиграни натпревари и освоени трофеи во ФА Купот и Лига Купот. Џони Еванс, кој дебитираше уште во 2007 година, заминува со 241 настап во два мандата. Во првиот освои три титули во Премиер лигата, една во Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и Лига Купот, а со враќањето во 2023 година колекцијата ја заокружи со ФА Купот против Манчестер Сити.
Покрај нив, клубот го напуштаат и шестмина млади фудбалери од академијата: Хуберт Грачик, Џек Кингдон, Сем Мари, Том Мајлс, Џејмс Нолан и Том Вустер. Том Хитон е моментално слободен агент, но со него сè уште се водат разговори за евентуално продолжување на договорот.
Од клубот порачаа дека се горди на сите млади играчи кои го напуштаат „Олд Трафорд“ и дека ќе им дадат целосна поддршка во понатамошната кариера, бидејќи засекогаш ќе бидат дел од Манчестер Јунајтед семејството.