Момците на Благоја Милевски освоија три значајни бодови во квалификациите откако со 4-1 го совладаа Казахстан, селекцијата со која на свој терен одигравме нерешено.
Македонија беше подобра, а отпорот на домаќинот беше скршен во 38. минута кога по една долга акција Чурлинов постигна прекрасен гол од далечина за водство од 1-0.
Две минути подоцна Димитар Митровски беше фаулиран во шеснаесетникот на домаќините, судијата покажа пенал за нас. Јани Атанасов шутираше, промаши но топката се одби до него, овој пат ја смести во мрежата за предност од 2-0.
По само три минути игра во второто полувреме, Чурлинов постигна нов гол за водство на Македонија и од 3-0.
Но во 52. минута Казахстан со гол на Омиртаев намали на 3-1, а брзо потоа беше досуден и пенал за нив кој го направи Руфати. Шутираше Шушеначев, но голманот Јанков го одбрани неговиот удар, на топката натрча Омиртаев кој погоди, сепак голот беше поништен поради тоа што влегол порано. Тој доби и втор жолт картон по што Казахстан остана со играч помалку.
Во 67. минута нов блесок на играчот на натпреварот, Чурлинов кој овој пат убаво асистираше до Митровски а тој погоди за конечни 4-1.
Македонија е на второто место на табелата зад Шпанија, до крајот на квалификациите секој бод ќе биде значаен бидејќи само пет од деветте второпласирани ќе одат на Европското првенство. Засега не сме меѓу тие.