Македонската фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 20:45 часот ги стартува квалификациите за Светското првенство, играме против Романија во Букурешт.
Откако ја остваривме најважната мисија и се пласиравме на Европско првенство, сега фудбалерите на Ангеловски имаат нова цел, тоа е добар настап во квалификациите за СП 2022, а зошто да не и нова сензација.
Не можеме да се пофалиме со добри резултати во меѓусебните дуели со Романија. Сме имале вкупно пет меча, четири од нив биле квалификациски за СП и сите ги имаме загубено. Имаме остварено една победа, на пријателски дуел. Тоа беше и нашата последна пресметка со нив, во 2010 година кога ги победивме со 1-0.
Последна вест од нашиот табор е повредата на Дарко Велковски која ја заработи на тренинг, тој нема да биде во комбинација за настап на вечерашниот дуел. Нема да игра ниту Адеми, другите првотимци се подготвени.
На голот би требало да биде Димитриевски, а пред него да играат Бејтулаи, Муслиу и Ристевски, на бековските позиции Ростовски и Алиоски. Во средината на теренот Николов и Барди, пред нив Елмас, а во нападот ќе бидеме со Несторовски и Пандев.
Романија ќе ја има фаворитската улога во вечерашниот натпревар, но Македонија повеќе пати покажала дека може да одигра добро против посилни противници.
Во нашата група покрај Македонија и Романија се и селекциите на Германија, Ерменија, Исланд и Лихтенштајн.