Челси славеше на
гостувањето кај Порто во првиот меч со 0-2, па вечерва тимот на Тухел за
очекување е да го потврди пласманот во полуфиналето на свој терен, а освен
мечот во Лондон, вечерва се среќаваат уште и ПСЖ и Баерн Минхен, откако во
првиот меч францускиот првак на гости славеше со 2-3.
Утревечер пак,
Борусија Дортмунд на свој терен го пречекува Манчестер Сити, откако на гости
загуби со 2-1, а Ливерпул има тешка мисија во реваншот на домашен терен против
Реал Мадрид, откако на гости загуби со 3-1.
Вреди да се
напомене и дека неколку ѕвезди се под опасност за пропуштање на првиот меч во
полуфиналната фаза доколку нивните клубови прогресираат, а првично би ги
издвоиле Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, како и Нејмар од ПСЖ.
Правилото на УЕФА
вели дека од првиот меч во групната фаза, фудбалерите и официјалните лица на
клубовите би можеле да бидат суспендирани за наредниот меч во натпреварувањето
по три добиени жолти картони.
Халанд доби
опомена на двата меча против Севиља во осминафиналето, а под ризик за казна е
воедно и Нејмар кој доби два жолти картони во групната фаза, против Манчестер
јунајтед, односно Лајпциг.
Останати фудбалери
кои се под ризик за суспензија се уште и Емре Џан од Борусија Дортмунд, Идриза
Гаје, Лејвин Курзава, како и Марко Верати, сите од ПСЖ, а најголема опасност
постои во Ливерпул.
Дури петмина се
под закана за суспензија во полуфиналето, станува збор за Трент
Александер-Арнолд, Садио Мане, Џејмс Милнер, како и Георгино Вајналдум,
повредениот Џордан Хендерсон исто така е на оваа листа.
Во Реал Мадрид се
надеваат дека Ферланд Менди и Федерико Валверде нема да влезат во бележникот
кај судиите на реваншот на „Енфилд“ утревечер.
Челси и Манчестер
Сити имаат по двајца, Хаким Зијеш и Матео Ковачиќ, односно Фернандињо и Жоао
Кансело, а што се однесува пак до Баерн Минхен, под ризик се триото Жером
Боатенг, Лукас Ернандез и Џошуа Кимих.
Жолтите картони
се „бришат“ по четвртфиналето, односно не се префрлаат во полуфиналната фаза од
ова натпреварување која се игра на 27 и 28 април.