Лестер остана без својата најголема ѕвезда и последниот од шампионскиот тим – Варди си заминува!

by bojan
1 минути читање
Варди

„Лисиците“ попладнево соопштија дека Џејми Варди го напушта клубот по крајот на сезоната, напаѓачот е еден од симболите на Лестер и последниот играч кој беше дел од тимот кој направи сензација во сезоната 2015/16 кога на огромно изненадување стигна до титула во Премиерлигата.

Крај на една убава бајка, Џејми Варди го напушта Лестер после 13 години, ова попладнево го соопштија „лисиците“.

Англичанецот пристигна на „Кинг Пауер Стадионот“ од нисколигашот Флитвуд Таун за 1 милион фунти во 2012 и прерасна во еден од симболите на Лестер и нивна најголема ѕвезда.

Во сезоната 2015/16 со 24 погодоци ги предводеше „лисиците“ до сензација и огромно изненадување, Лестер ја освои својата прва титула во Премиерлигата во конкуренција на гигантите како Манчестер Сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Челси и Арсенал.

За разлика од останатите ѕвезди на тој тим како Нголо Канте и Ријад Марез, Џејми Варди не ги одбра милионите кои му ги нудеа големите клубови, реши да остане верен па сега е на прагот да забележи 500 настапи за „лисиците“ (во моментов има 496) и да постигне 200 погодоци (во моментов има 198 погодоци).

Тој исто така го освои ФА Купот во сезоната 2020/21, а се радуваше и на титула во Комјунити Шилд во 2021 година.

Во 2019/20 ја освои и „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Премиерлигата, таа сезона постигна 23 погодоци во најсилното првенство на Англија.

Џејми Варди е последниот фудбалер од шампионскиот тим од 2016 кој се уште го носи дресот на Лестер, но по 30. јуни и тој ќе го напушти клубот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани