Манчестер Сити го освои Лига Купот на Англија откако го победи Челси на пенали. Но после мечот никој не зборува за нивната титула, голманот Кепа Аризабалага е главната тема.
Најскапиот голман во светот одби да излезе од игра во 120 минута и го полуде Маурицио Сари и го навлече гневот на фановите на Челси.
Многумина му замерија и на Цезар Аспиликуета кој како капитен требаше да му каже на Кепа да ја почитува одлуката на тренерот без разлика дали голманот ќе го послушаше.
Со изјава се јави легендарниот капитен на Челси, Џон Тери, додека тој играше за сините тренерите немаа големи проблеми со играчите како што е веќе неколку години во лондонскиот тим.
„Ова го става Сари во тешка позиција, бев изненаден дека тој не успеа да го извади Кепа од игра“, изјави Тери за Скај Спортс.
„Ќе биде интересно да се види што ќе се случува во наредните 24 часа во клубот“.
„Не е крај, ова е облак врз навистина добри перформанси на Челси денеска особено по она што се случуваше неодамна во поглед на резултатите и перформансите кои не беа доволно добри. Разочарувачки е ова што се случи“.
„Доколку јас бев во соблекувалната, ќе очекував тренерот да дојдеше и веднаш да се справеше со проблемот“.
Сари по инцидентот изјави дека се работело за недоразбирање, но дека ќе разговара со Кепа за неговото однесување.