Поранешниот голман на Барселона и Шпанија, Виктор Валдес, е назначен за нов тренер на шпанскиот четвртолигаш Реал Авила. Тој пристигнува во клучен момент од сезоната, со цел да го одведе тимот до плејофот за влез во трета лига.
Деби на клупата ќе има веќе во недела против Компостела, а потоа следува последното коло против Понтеведра. Реал Авила моментално е четврти со 49 бодови, но само еден повеќе од седмопласираниот Фабрил – конкуренцијата е жестока, бидејќи плејоф играат тимовите од второ до петто место.
Валдес потпиша договор до крајот на оваа и за наредната сезона. Претходно работеше со млади категории во Мореталас, како и во Барселона и Хорта, а во 2021 беше тренер на голманите во „Камп Ноу“.