Многумина се прашуваат дали Роналд Куман има капацитет да ја води Барселона, да продолжи да го води клубот по успешната траекторија која ја нацртаа неговите претходници.
Поради отсуството на претседател во клубот, неговата позиција не изгледа загрозено, но тоа ќе се смени веќе во јануари кога ќе бидат одржани претседателските избори.
Сепак „Диарио Спорт“ прави споредба на Куман со Рајкард, и вели дека едниот од другиот Холанѓанец може да земе пример како од лош старт да создадеш успешна иднина.
Пеп Гвардиола, Луис Енрике, Тито Виланова, Тата Мартино и Ернесто Валверде имаа релативно мирни стартови како тренери на Барселона, но не беше така со Рајкард, а не е така ниту со Куман.
Рајкард имаше сличен почеток како Куман, неговата столица силно се нишаше, беше пред отказ, го спаси гол на Патрик Клајверт против Севиља на Санчез Писхуан во јануари. Од Тој момент почна да се менува формата на Барселона.
Составот беше засилен и со Роналдињо и Едгар Давидс, двајцата имаа забележителен допринос во понатамошните мечеви таа сезона. Барселона заврши на второто место, зад Валенсија која тогаш ја освои Примера.
Од клучно значење за неговиот успех беше способноста на Рајкард да го поправи својот првичен пристап и да го убеди тимот во неговите методи, поттикнувајќи заедничка размена на идеи за тоа како треба да ги играат натпреварите.
Следната година му беа донесени и Самуел Ето и Деко, па следуваше серија од освојување на две титули во Ла Лига како и втората титула во историјата на клубот во Лигата на шампионите кога во Париз го победија Арсенал во 2006 година.
Рецептот кој треба Куман да го препише од Рајкард е да го прилагоди својот пристап, да изгради заедничка визија за играта со неговиот состав и да делува поодлучно и интелегентно на трансфер пазарот.
Куман важи за тврдоглав тренер доследен на неговите идеи, прилагодувањето досега не му била силна страна, па дали ќе направи отстапка овој пат и ќе препише од Рајкард, останува да видиме.