Шефот на
стручниот штаб на Ливерпул, Јирген Клоп ги предупреди неговите избраници дека
можат да бидат „изедени“ доколку не покажат храброст во утревечерниот дуел на гости против Атлетико
Мадрид во Лигата на шампионите, екипа, која Германецот признава дека стилот на игра воопшто не му се
допаѓа.
„Токму тоа и ќе
биде, Атлетико Мадрид е најдобар во таа категорија на екипи против кои морате
поцврсто на теренот, бидејќи тие ги имаат најдобрите фудбалери за еден таков
натпревар, доколку би играле против Севиља би било нешто слично, вистинска
битка на теренот“ рече Клоп запрашан за тоа дали мечот со тимот на Диего
Симеоне ќе биде еднаков на фудбалска војна.
„Проблемот со
Атлетико Мадрид е квалитетот кој тие го имаат, како и желбата која ја
покажуваат, дали ми се допаѓа стилот на нивната игра? Не, воопшто, но ние сите
сме различни, ќе мораме да се соочиме со тоа“ додаде германскиот фудбалски
стратег.
„Убеден сум дека
постои можност да им приредиме проблеми, меѓутоа за да бидете успешен во
натпревар од висока класа морате да бидете неверојатно храбри на теренот, доколку
не го сторите тоа, тие ќе ве изедат“ заклучи предводникот на „Редсите“.
Арената „Ванда
Метрополитано“ буди специјални спомени за тимот на Клоп за освоената титула во
Лигата на шампионите во 2019 година, меѓутоа лани „Редсите“ запишаа минимален
пораз кај Шпанците, за потоа да следи и пораз на свој терен со 2-3 и
елиминација уште во последните 16 од силното европско клупско натпреварување.