Ќерката на Модриќ си замина од Милан, ќе игра за Реал Мадрид!

by Стефан
1 минути читање

Ема Модриќ, ќерката на хрватската фудбалска легенда Лука Модриќ, денеска и официјално ѝ се приклучи на женската академија на Реал Мадрид, следејќи ги стапките на својот славен татко.

Во кралскиот клуб Ема пристигнува од Милан, каде што ја освои титулата шампион на Италија во категоријата до 13 години. Во финалето, талентираната фудбалерка со својот тим го совлада градскиот ривал Интер на женскиот „Гарино куп“, одигран во април годинава.

Додека нејзиниот татко го продолжи договорот со Милан и ќе остане во Италија најмалку уште една сезона, 13-годишната Ема се пресели во Мадрид, каде што ќе продолжи да го развива својот фудбалски талент.

Со нејзиниот трансфер продолжува богатото семејно наследство на Модриќ во Реал Мадрид. Лука беше член на „кралскиот клуб“ од 2012 до 2025 година и се етаблираше како еден од најдобрите играчи за врска во светот. Во дресот на Реал ја освои и „Златната топка“ во 2018 година.

За време на својот престој во Мадрид, Модриќ освои дури 28 трофеи, меѓу кои шест титули во Лигата на шампионите и четири во Ла Лига.

Четириесетгодишниот Хрват за Реал Мадрид одигра 597 натпревари, постигна 43 гола и запиша 95 асистенции, оставајќи неизбришлива трага во историјата на клубот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×