Македонската фудбалска икона, Дарко Панчев ќе добие игран филм во кој треба да бидат прикажани неговиот живот и кариера со која остави голем белег во поранешна Југославија.
За филмот ексклузивно дознава „МИА“ која споделува дел од најважните информации. Филмот ќе биде во продукција на „Петровски Брадрс“, а режисер ќе биде Зоран Петровски кој во последните две децении живее и работи во Бугарија. Станува за режисер кој зад себе има богато искуство со режирање на високобуџетни играни серии и реклмани кампањи. Филмот за Панчев ќе биде негово режисерско деби како игран филм. Според него тоа ќе му биде уште поголема мотивација на Европа и светот да ја раскаже приказната за нашата фудбалска икона.
Сценариото ќе го пишува Ѓорѓе Милиќевиќ, сценарист со српско потекло кој повеќе од 60 години живее и работи во Њујорк и Лос Анџелес. Филмот за Дарко Панчев нема да биде негово прво фудбалско дело, тој е сценарист и на добро познатиот филм „Бегство кон Победа“ од 1981 година во кој играат Силвестер Сталоне, Мајкл Кејн, Макс фон Сидоф и легендарниот Пеле.
Филмот нема да преставува само документарна биографија, туку е планирано да биде вистинска холивудска приказна која ќе треба да ја освои и пошироката публика, а не само фудбалските љубители кои веќе го знаат Дарко Панчев.