Јувентус се соочува со вистинска криза кога станува збор за повредите на играчите, а последен во низата кој се приклучи на веќе преполната клупска амбуланта е капитенот Мануел Локатели.
Италијанскиот играч за врска заработи повреда на менискусот на десното колено за време на неделното реми против Милан и мора да биде опериран.
Локатели моментално се наоѓа во Лион на специјалистички прегледи и зафат, во истата француска клиника каде што претходно беа оперирани неговите соиграчи Бремер, Гати и Кефрен Турам.
Точното време на опоравување ќе биде познато дури по операцијата и ќе зависи од методот за кој ќе се одлучи медицинскиот тим. Во случај на делумно или целосно отстранување на менискусот, опоравувањето е побрзо, но се губи природниот амортизер на коленото и се зголемува притисокот врз ‘рскавицата.
Од друга страна, шиењето на менискусот долгорочно го зачувува коленото, но бара значително подолг период на отсуство. Според првите песимистички проценки, капитенот на Торино најверојатно нема да го гледаме на терените пред почетокот на 2027 година.
Ситуацијата во екипата е исклучително тешка бидејќи Јувентус против Милан настапи без дури седум играчи. Покрај Локатели, надвор од составот е и Кенан Јилдиз, кој поради скршеница на петтата метатарзална коска ќе паузира три месеци и се очекува да се врати по ноемвриската пауза, како и Кефрен Турам, кој го оперираше коленото и се очекува да се врати на почетокот на 2027 година.
На листата на повредени, со пауза од околу еден месец, се наоѓаат Џеф Екатор и Хуан Кабал поради мускулни проблеми, додека Вестон Мекени и Андреа Камбијасо се опоравуваат од полесни повреди.
Единствената „поволна“ вест за тренерот Лучано Спалети е ситуацијата со Жереми Бога, кој по натпреварот со Милан се пожалил на мускулни проблеми, но нема да отсуствува долго и треба да се врати веднаш по репрезентативната пауза.