Бразилскиот ветеран Касемиро е пред нов предизвик во кариерата, а според американските медиуми негов избор е Интер Мајами, иако интерес за неговите услуги покажал и ЛА Галакси.
Наводно, клубот од Флорида му понудил тригодишен договор, а планот е искусниот играч за врска да пристигне како слободен фудбалер во вториот преоден рок во МЛС, кој започнува на 13 јули.
Сепак, трансферот би можел да се искомплицира поради правилата во американската лига. Имено, ЛА Галакси веќе поднел барање за таканаречени „права на откривање“, механизам што му дава предност во евентуалните преговори со играчот.
Слична ситуација беше видена и со Марко Ројс пред две години, кога Шарлот се обиде да ги искористи истите права, но на крајот Лос Анџелес плати 400.000 долари за да ги преземе.
Според најавите, Интер Мајами сега ќе мора да најде решение преку размена или финансиска компензација за да ги откупи правата од ЛА Галакси и да го комплетира ангажманот на Касемиро, кој веќе наводно донел конечна одлука каде сака да ја продолжи кариерата.