Реал Мадрид доби уште една негативна порака на трансфер пазарот, откако ПСЖ јасно стави до знаење дека нема намера да се раздели со Жоао Невеш и Витиња.
Според информациите од Франција, европскиот шампион не е подготвен да ги продаде своите две големи ѕвезди дури и доколку на адреса на клубот пристигне понуда вредна 150 милиони евра. Со тоа раководството на парижани испрати јасен сигнал до Флорентино Перез и Реал Мадрид дека клучните играчи не се на продажба.
Ова е втор сериозен удар за претседателот на „кралевите“ во само неколку часа. Претходно се појавија информации дека Реал Мадрид покажал интерес за Мајкл Олисе, но од Баерн Минхен експресно порачале дека францускиот репрезентативец не заминува, без разлика на висината на понудата.
Германскиот гигант наводно одбива да разговара за трансфер на Олисе дури и за сума од 200 милиони евра, па така амбициозните планови на Перез засега наидуваат на цврст отпор од европските великани.